Сподели:

Министерот Манчевски ја отвори Неделата на роботика

Скопје, 18 март 2019 година

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, се обрати на отворањето на Неделата на роботика-Робомак 2019.

Настанот е во организација на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, по повод 10 години од организирање на познатата манифестација Робомак и 60 години од постоење на ФЕИТ.

Како што истакна министерот Манчевски, ваквиот вид на настани и натпревари се одлична можност и корисно искуство, како дополнителен мотив за уште повеќе да млади луѓе да ја засакаат оваа наука и постојано да се вложуваат.

„Живееме во динамично време, особено во сферата на дигитализацијата каде веќе секој следен ден некаде во светот се открива нов пронајдок, робот со нова вештина, млад човек кој ги поместува границите на возможното. Северна Македонија е мала земја, но младите луѓе се нашиот ресурс, нашата иднина. Само со вложување во вас, со давање на можности да се надградувате себеси, со обезбедување на услови да се развивате и стекнувате нови вештини, ние како држава можеме да бидеме конкурентни и да имаме со што да се претставиме пред светот“, истакна министерот Манчевски.

Министерот информираше за активностите кои ја поставија Северна Македонија на мапата на држави каде активно се работи на дигитализација и на стекнување на дигитални вештини.

„Нашите училишта оваа година се приклучија на европската недела на кодирањето. Имав можност да присуствувам на еден таков настан, каде можев да се уверам дека младите имаат голема желба, но и се доволно љубопитни и заинтересирани за сите можности што ги нуди дигитализацијата. Исто така, нашите најмлади беа дел и од европскиот натпревар First Lego лига, а веќе од минатата недела сите училишта во земјава се дел од регионалниот проект Училишта на 21 век.  Сепак, ова не е доволно и треба уште многу да се вложува. Како што веќе напоменав ова се динамични времиња и тоа што денес е иновација многу брзо е веќе стара вест и се заменува со нов пронајдок“, заклучи министерот Манчевски.

Во рамките на Неделата на роботиката ќе се реализираат низа активности наменети за најмладите – учениците во основните училишта, за средношколците и за студентите од сите факултети во државата и од странство. Истата ќе заврши со финалниот натпревар на Робомак кој ќе се одржи на 23 март во Домот на АРМ со почеток во 18 часот.

Со оваа активност, ФЕИТ сака да ја подигне свеста за роботиката во земјава и да ги заинтересира најмладите да се вклучат во проучување на оваа област, да ги мотивира средношколците да се запишат на техничките факултети и да покаже дека, освен теорија, на Факултетите се работат и практични активности.

Министерство за информатичко општество и администрација

 

МИНИСТЕР

Министер за информатичко општество и администрација

Search form