Сподели:

Северна Македонија домаќин на регионална работилница за Европа за Национални стратегии за сајбер безбедност

Скопје, 26 јуни 2019 година

Северна Македонија со поддршка на Меѓународната унија за телекомуникации- ITU, е домаќин на тридневна работилница за сајбер безбедност.

Настанот денеска го отворија министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, Ионут Андреи, државен секретар во Министерство за комуникации и информатичко општество, како претставник на романското претседателство во Советот на ЕУ,  Марко Обисо, раководител на Одделот за ИКТ апликации и Одделот за сајбер безбедност во ITU и Милан Секулоски, виш советник за Европа и Централна Азија, од Женевски центар за управување со безбедносниот сектор- DCAF.

Во прилог интегралното обраќање на министерот Манчевски:

„Драги домаќини, почитувани гости и колеги,

Огромно задоволство ми е да ви посакам добредојде на првата Работилница на Меѓународната унија за телекомуникации - ITU за Европа за национални стратегии за сајбер безбедност, чиј домаќин е Министерство за информатичко општество и администрација, а на која националните експерти за сајбер бесбедност ќе дискутираат за тековните перспективи за регионалната сајбер безбедност, како и за идните регионални и меѓународни соработки.

Верувам дека да се биде домаќин на првата Работилница на Меѓународната унија за телекомуникации за Европа за национални стратегии за сајбер безбедност е одличен пример за посветеноста на Северна Македонија да ја олесни регионалната и меѓународната соработка, притоа покажувајќи дека големината на територијата на нација не го утврдува влијанието на нејзините напори кон регионална безбедност. Особено ми е драго да ви посакам добредојде во Скопје, на настан кој ги спојува оние кои се посветени на градење побезбеден сајбер простор и размена на идеи и најдобри практики од земјите од Западниот Балкан и ширум светот.

Како што е познато, информациските технологии се развиваат со неверојатно брзо темпо, а трендовите во ова поле се менуваат секој ден. Уредите се сè повеќе поврзани меѓусебно со концептот „Интернет на нештата“. Кога зборуваме за овој концепт, всушност се работи за милијарди физички уреди ширум светот кои сега се поврзани на интернет и собираат и разменуваат податоци. Затоа, безбедноста на ваквите податоци е од суштинско значење за луѓето, компаниите и земјите.

Истовремено, сите сме свесни дека сајбер просторот не познава физички граници. Како нации, немаме територија која треба да ја штитиме. Сајбер просторот се споделува на глобално ниво, меѓу граѓаните, јавните администрации, бизнисите, граѓанските општества, меѓународните организации, но исто така и меѓу злонамерни корисници и криминални организации. Секој ден се соочуваме со предизвици за безбедноста. Затоа, наша заедничка одговорност е да играме фер и да ги штитиме сите процеси, како и најранливите податоци и пристапот до ресурси. Мора да го спречиме сајбер-криминалот. Затоа, регионалната и меѓународната соработка е од суштинско значење. Со сето ова на ум, јас сум силен застапник за споделување добри практики и искуства со нашите регионални и меѓународни партнери.

На прагот на НАТО и наскоро на ЕУ, Северна Македонија станува сè попримамлива мета на сајбер криминал. Се разбира, сајбер безбедноста стана еден од клучните приоритети на Владата. Комбинацијата на силна политичка волја и приоретизација на градењето капацитети за сајбер безбедност, со поддршка од нашите стратешки партнери, произведе значајни резултати во измината година. Оттогаш наваму, пејсажот на сајбер-безбедноста значително се промени.

За разлика од изолираните и ад-хок активности спроведени на организациско или институционално ниво во минатото, на почетокот од 2018 година воспоставивме јасна и стратешка визија за градењето капацитети за сајбер-безбедност во Северна Македонија. Искористувајќи ги наодите од прегледот на капацитетите за сајбер-безбедност, во соработка со Светската банка и Универзитетот на Оксфорд, како и од националните анализи, се изготвија Националната стратегија и Акциски план за сајбер-безбедност за периодот 2018 – 2022 година. Владата ги усвои и двата документа во 2018 година.

Стратегијата и Акцискиот план беа изготвени, не само со поддршка од меѓународните партнери и од Европската Комисија, туку и во процес на широки консултации со јавноста. Како Влада, се залагаме за транспарентност и вклучување на сите сектори од општеството. На овој начин, содржината на Стратегијата и на Акцискиот план подлежеше на јавни дебати, на кои претставници од јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор, меѓу другите, имаа можност да ги дадат нивните коментари и предлози. Нашата волја и подготвеност за градење капацитети беше поткрепена со силна соработка со повеќе засегнати страни, при што сите организации кои доаѓаа од различни сектори од општеството беа ангажирани во преглед на содржината, но исто така ги споделуваа нивните искуства и експертиза.

Со поставување стратешка визија и практични активности за спроведување на дефинираните постапки, продолжуваме да го чекориме патот кон градење отворен, безбеден и заштитен сајбер-простор. Фокусот на Националната стратегија и Акциски план за сајбер-безбедност за периодот 2018 – 2022 година е на носење стратешки одлуки, спроведување активности на оперативно ниво, како и идентификација и заштита на критична информатичка инфраструктура.

Силна и стабилна култура за сајбер безбедност е еден од темелите на отворениот, безбеден и заштитен сајбер простор. Затоа, подигање на свеста за заканите по сајбер безбедноста и промовирање на сајбер-безбедноста меѓу граѓаните и организациите преку едукација и споделување добри практики беше основен елемент на градењето капацитети за сајбер безбедност. Различни институции и организации ги спроведуваа кампањите за подигнување на свеста за сајбер безбедност и ангажирање на јавноста со различни засегнати страни.

На национално ниво, ја препознавме потребата да инвестираме во опремување на нашите луѓе, на работната сила во јавната администрација, но и на нашата индустрија со потребните вештини и капацитети, особено на Македонскиот тим за справување со компјутерски инциденти (MKD-CIRT) како национално координативно тело за известување и справување со инцидентите поврзани со сајбер-безбедноста. Со одличната соработка и поддршката од Европската Комисија во областа на дигиталната политика, Северна Македонија отвори Научно-технолошки парк во Скопје, во чиј склоп наскоро ќе се отвори Регионален центар за обука и истражување на сајбер-безбедноста.

Предлогот за отварање Регионален центар за обука и истражување на сајбер безбедноста во Скопје е поднесен, а проценката на организациските и финансиските ресурси веќе е во тек. Предложениот концепт за Регионалниот центар за обука и истражување на сајбер безбедноста предвидува дека истиот ќе биде во склоп на Научно-технолошкиот парк во Скопје, и дека ќе нуди професионални обуки, како центар за обука на административни службеници и академско истражување, академска соработка и заедничка работа на научници и истражувачи од шесте земји на Западен Балкан. Со оваа иницијатива, се стремиме да ја поттикнеме соработката меѓу јавниот и приватниот сектор, како и да поттикнеме користење на приодите на ЕУ кон сајбер безбедноста, фокусирајќи се на истражување и иновации во областа на сајбер безбедноста. На овој начин, не само што ќе ги зајакнеме нашите национални капацитети за сајбер безбедност, туку ќе ги зајакнеме и регионалните капацитети, поттикнувајќи ги младите претприемачи и технолози да развиваат и да тестираат технологии за подобро да се заштитат корисниците и инфраструктурите од сајбер закани.

Во процесот на мапирање проекти за глобално зајакнување на капацитетите за сајбер-безбедност, верувам дека придонесуваме во процесот на креирање заедничка глобална визија со поддршка од меѓународната заедница и од нашите прекугранични партнери.

Особена чест ми е да ви посакам добредојде во Северна Македонија денес, и ви посакувам многу успешна конференција и пријатен престој во Скопје“.

Министерство за информатичко општество и администрација

МИНИСТЕР

Министер за информатичко општество и администрација

Search form