Сподели:

Министерот Дамјан Манчевски се обрати на Втората годишна конференција за е-трговија

Скопје, 25 октомври 2019 година

Почитувани,

Кога зборуваме за развој на е-трговијата, во поширок контекст прво неопходно е да зборуваме за развој на дигитално општество. Од друга страна, за развој на дигитално општество потребна е дигитална инфраструктура, која ќе овозможи пристап до интернет за секој граѓанин.

Сепак, инвестициите во една држава не смеат да бидат фокусирани само на развој на инфраструктурата, тие, исто така, вклучуваат напредни онлајн услуги, локално релевантни содржини и услуги, зголемување на дигиталната писменост,  и дигитална инклузија, особено во уруралните области. Во таа насока, Националната ИКТ стратегија, која ќе биде завршена на средината на 2020, е  збир на координирани активности и политики кои имаат за цел да го забрзаат социјалниот, економскиот и политичкиот развој на земјата преку употреба на телекомуникации, информациски мрежи и технологии поврзани со нив. Оваа стратегија ќе опфаќа користењето на ИКТ како инструмент за развој на трите сфери на социо-економска активност - влада,  бизниси и општеството.

Како водата, патишта, железницата и електрична енергија порано, денес широкопојасниот интернет е од  фундаментално значење за социјалниот и економски развој во државата. Инвестициите во широкопојасен интернет играат клучна улога во приближувањето кон глобалната економија. Северна Македонија ќе го применува инвестицискиот модел - Директна инвестиција: Јавно управувана општинска мрежа, од кој може на долгорочен план да се очекува постигнување на националните бродбенд таргети утврдени со Националниот бродбенд план.

Развојот на безбедно општество и примената на сите безбедносни практики и процеси преку соработка на сите засегнати страни ќе обезбеди бизнисите да останат доверливи и достапни за клиентите, а со самото тоа и профитабилни.  Зголемување на довербата на граѓаните во дигиталните сервиси и електронската трговија директно ќе придонесе во развојот на дигиталната економија. Ова ќе придонесе Северна Македонија да биде препознаена како сигурно место за инвестирање и деловно работење.

Имплементацијата на најнови ИКТ решенија и практики и глобалната поврзаност ќе го поддржи економскиот раст.

Владата на Северна Македонија препозна дека зајакнувањето на националните капацитети за управување со компјутерски закани и зголемување на сајбер безбедноста стана еден од клучните национални  предизвици за државата.

Во овој контекст, Националната стратегија за компјутерска безбедност 2018-2022 е стратешки документ кој се осврнува на предизвиците во сајбер-просторот и поттикнува развој на безбедна и флексибилна дигитална околина, засновани на соработка и доверба.

Почитувани,

Владата и МИОА, интензивно работат на подобрување на електронските услуги од државата кон граѓаните, што очекуваме ја зголеми на довербата на граѓаните во сите електронски услуги, па и електронските услуги во е-трговијата. Многу институции веќе нудат електронски услуги насочени примарно кон бизнисите. Националниот портал кој ќе го лансираме следниот месец ќе овозможува граѓанинот на едно место да ги добие многу услуги на едноставен, унифициран  и комплетно електронски начин, вклучувајќи го и електронското плаќање  за услугата со картичка од било која банка.

Со новиот Закон за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги за првпат на национално ниво се дефинира терминот електронски документ. Исто така,  дефинира и како електронските документи можат да се трансформираат хартиени документи и обратно,  а притоа да ја задржат својата правна валидност. Со ова ја отвараме вратата за зголемување на употребата на електронски фактури на национално ниво. Електронската фактура ќе им овозможи на фирмите да создатат дополнителна вредност со автоматско поврзување на податоците од фактурата со договорите, нарачките за набавки, испратници и слично.

Ви благодарам и ви посакувам успешна конференција.

 

Министерство за информатичко општество и администрација

 

 

 

МИНИСТЕР

Министер за информатичко општество и администрација

Search form