Сподели:

Министерот Манчевски се обрати на конференцијата на МАСИТ, на тема: „Податоците како вредност“

Скопје, 31 октомври 2019

Во прилог интегралното обраќање на министерот Манчевски:

Во процесот на соочување со проблемите и предизвиците на 21-виот век,  иновацијата има клучна улога. Меѓутоа, за иновација се неопходни ресурси. На поединците и на компаниите им треба пристап до ресурси, информации и инфраструктура, но и битна е и соработката со различните сектори. За иновација е потребна силна поддршка од властите, преку обезбедување регулаторна, финансиска и техничка помош. Но, најзначајно за успехот на една иновација се податоците со кои што една индивидуа, фирма, институција или самата држава располага. 

Од тука, МИОА, пред скоро една година, го објави порталот за отворени податоци. Денеска, таму сите заинтересирани за податоците со кои располагаат институциите можат да најдат 215 податочни сетови, од 49 различни институции. Преку порталот за отворени податоци се подобрува  испораката на услуги и ефикасноста на јавниот сектор, од една страна и се зголеми учеството на граѓаните при креирањето на политики и при анализа на испорачаните резултати, од друга. Со еден збор, преку порталот за отворени податоци ја носиме транспарентноста и отвореноста на институциите на едно повисоко ниво.

Тука особено сакам да нагласам дека директно и позитивно влијае врз напорите за борба против корупцијата. Исто така, со малку иновативност, дава можност за отворање и на нови бизниси, што верувам е од особен интерес и корист за голем дел од присутните денеска тука.

Наша главна заложба е да ги донесеме услугите до граѓаните. Тоа е многу полесно отколку да ги носиме граѓаните до услугите. Отворањето на податоците е еден од механизмите да го постигнеме тоа. На национално и на локално ниво, различните државни институции обезбедуваат многу услуги, кои често се игнорирани, потценети или несоодветно претставени. Со зголемување на видливоста и транспарентноста, граѓаните подобро ќе ги разберат и препознаат вредноста и квалитетот на податоците што институциите ги произведуваат. Широката употреба на дигиталните технологии  ги прави овие содржини сѐ повреден ресурс во изготвувањето на иновативните производи и услуги со додадена вредност.

Имајќи предвид дека иновацијата е моќен катализатор за економскиот раст, иновациите и претприемништвото се препознаваат како основните средства за креирање работни места и за економски развој во Северна Македонија. Всушност, една од главните цели на Владата на Северна Македонија е да обезбеди поддржувачки екосистем и неопходен стимул за да можат иновативните претприемачи и компании да ја искористат моќта на технологијата. За оваа цел, Владата спроведува голем број мерки, меѓу кои и пристап до финансиски ресурси, инфраструктура и практично знаење; постојани канали за комуникација со бизнис-заедницата и со други релевантни чинители; како и екосистем кој нуди поддржувачки услови за иновација.

Со пуштање во употреба на Регистарот на население, а многу скоро и Националниот портал за е-услуги, државата обезбедува едно повисоко ниво на пристап до податоците на граѓаните од една страна, и посебна заштита на личните податоци од друга.

Регистарот на население овозможува собирање на податоци за физички лица и нивно користење од страна на надлежните институции за потребите на нивните управни постапки. Регистарот им овозможува на институциите кои работат со личните податоци на граѓаните, тука да ги најдат најновите и најпрецизни податоци за граѓаните без потреба од рачно одржување и ажурирање.

Ова значи дека, Регистарот на население содржи податоци кои се унифицирани, верифицирани, стандардизирани и валидизирани. На овој начин, со пуштање во употреба на Регистарот, граѓаните конечно нема да се соочуваат со проблемот на различни податоци во различни институции и дати бази. Синхронизацијата на податоци ќе се одвива преку единствената околина за размена на документи и податоци преку електронски пат. Регистарот на граѓани ќе биде основа за креирање на единствен електронски број на граѓанинот. Понатаму, овој број ќе биде клучен за системите кога граѓанинот ќе побара услуга од институциите.

Секој граѓанин има право да ги знае неговите лични податоци содржани во Регистарот. МИОА воведува нова услуга со која секој може да провери кои податоци се запишани во регистарот. Доколку некоја информација е погрешна, граѓанинот ќе добие информација во која институција треба да се направи промената. Секој граѓанин има право да знае кој ги користи неговите лични податоци. МИОА воведува нова услуга со која секој може да побара информација за тоа која институција, кога и поради која причина ги користела податоците.

ЦРН овозможува стандардизирана форма и зголемена точност на личните податоци. Преку анализа на податоците и употреба на алгоритми за препознавање на грешки ќе бидат проверени сите лични податоци и секоја нивна измена.

Ова се основите на дигитализацијата на нашата држава. Со поставување на темелите, отворање на податоците, гарантирање на нивната унифицираност и безбедност, државата, бизнисите но и граѓаните ќе имаат побрз и поефикасен пристап до услугите, а податоците ќе можат да бидат искористени за нови и иновативни бизниси.

Ова е возможно само со заедничка работа и координација помеѓу сите сектори во нашето општество.

Министерство за информатичко општество и администрација

 

 

 

 

 

 

МИНИСТЕР

Министер за информатичко општество и администрација

Search form