Сподели:

Започна организацијата на еколошката акција „Чисти ме со ‘Не биди ѓубре’“

Скопје, 29 ноември 2019 година

Повеќе од 40.000 лица, вработени во јавниот сектор, на 14-ти декември (сабота), ќе чистат на повеќе од дваесет локации во околината на градот Скопје. Владата одлучи, на овој начин да се надомести одработувањето за 2-ри јануари. Ова значи дека наместо да одат на работа, вработените на 14-ти декември, во периодот од 9:00 до 12:00 часот, ќе чистат, на конкретно одредени локации.

Со цел организација на оваа масовна акција, која што ќе се спроведува со поддршка на граѓанската иницијатива „Не биди ѓубре“, се формираше штаб што го води министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, а во коjшто членуваат: Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање, Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје, Аднан Џафероски, директор на Дирекција за заштита и спасување; Агрон Буџаку, директор на Центарот за управување со кризи , директорот на Македонија пат, Беким Мемеди, како и Марјан Забрчанец од канцеларијата на Премиерот на Владата на Република Македонија.  

Штабот денеска го одржа првиот состанок, каде беа дефинирани дел од деталите, а беа делегирани и надлежности за сите членови во штабот.

Во текот на следната недела ќе бидат објавени сите локации, како и која институција, каде ќе чисти. Министрите, директорите и раководителите на институциите ќе бидат одговорни за спроведување на акцијата од страна на своите вработени.

Дел од потребната опрема за успешно спроведување на акцијата, ќе биде обезбедена со поддршка на Канцеларијата на Европската Унија во Скопје, а механизацијата и потребниот алат ќе биде обезбеден од институциите кои го поседуваат.

Повик за приклучување кон оваа еколошка акција, ќе биде испратен и до локалната самоуправа и институциите на општините.

Министерство за информатичко општество и администрација

 

МИНИСТЕР

Министер за информатичко општество и администрација

Search form