Сподели:

Владата го усвои Законот за висока раководна служба. Се гарантира целосна професионализација на раководните позиции во 130 институции

Скопје, 11 декември 2019

Владата на Република Северна Македонија на последната седница го усвои Законот за висока раководна служба. На денешната прес конференција, министерот за информатичко општество и администрација ги претстави промените и процесот на селекција на кандидатите предвидени со новиот закон.

Како што подвлече министерот Манчевски, професионализацијата на високата раководна служба е еден од клучните предуслови за унапредување на организациските капацитети и зајакнување на доброто управување во институциите на јавниот сектор. Дополнително, доброто управување е клучно за враќање на довербата на граѓаните во државата и институциите.

„Досега, не постоеше единствен закон во кој се уредени правилата за именување, односно назначување на високата раководна служба. За секретарите имаше регулација во Законот за админситративни службеници, додека за директорите во 123 посебни закони. Овие закони беа нецелосни, односно не содржеа одредби за постапката за отворен и фер натпревар, за селекција ниту пак критериуми за избор на најкомпетентен кандидат за раководна позиција, со што беа доведени во прашање начелата на заслуги и родова рамноправност. Од тука, во законот е предвидено дека ако има кандидати со ист број на бодови, предност ќе има кандидатката. На овој начин се обидуваме да го зголемиме бројот на жени на раководни позиции во државата“, информираше министерот Манчевски.

Министерот Манчевски се осврна на процесот на селекција, односно Комисијата, што ќе ја води таа постапка.

„Со Законот се формира Комисијата за ВРС со статус на самостоен државен орган, составена од 5 члена со мандат од пет години. Изборот на членовите на Комисијата ќе биде инклузивен, отворен и јавен, а ќе го прави Комитет, составен од единаесет члена. Комитетот ќе организира јавно претставување на квалификуваните кандидати за членови на Комисијата за ВРС, кое ќе се снима и емитува на Собраниски канал“, истакна министерот Манчевски.

Како што посочи министерот Манчевски, за секоја поединечна селекција за високо раководно место ќе се формира посебен одбор, кој го сочинуваат претседател и четири члена, од кои: претседателот и еден член од редот на членовите на Комисијата за ВРС; еден член кој е стручно лице во областа на надлежност на институцијата; еден член од базата на стручни лица за управување со човечки ресурси и еден член од базата на раководители.

Постапката за избор на високи раководители се состои од три задолжителни фази: административна селекција, тестирање и структуирано интервју.

По завршувањето на интервјуто, Одборот подготвува конечна листа со најмногу тројца најуспешни кандидати, поединечно мислење за секој кандидат и извештај за спроведената постапка на селекција.

Дополнително, за првпат со овој Закон, се предвидува дисциплинска одговорност за лицата на раководни позиции.

Законот нема да се применува во: судството, јавното обвинителство, институциите од областа на безбедноста, следењето на комуникациите, разузнавањето, одбраната и Армијата на Република Северна Македонија, Дипломатско – конзуларните претставништва,Општините, градот Скопје или општините во градот Скопје и од нив основаните јавни претпријатија, јавните установи и регулаторните тела.

Министерство за информатичко општество и администрација

 

МИНИСТЕР

Министер за информатичко општество и администрација

Search form