Сподели:

Јавен повик до граѓански организации за членство во мрежата за отворено владино партнерство

Скопје, 18 декември 2019

На иницијатива на десет граѓански организации се основа мрежа на граѓански организации за отворено владино партнерство (ОВП).

Основна цел на мрежата е да го координира и зајакне гласот на граѓанските организации кои се залагаат за партиципативност, отвореност и отчетност на властите.

Мрежата ќе се залага за иницирање, поттикнување, поддршка, спроведување и мониторинг на процесот на ОВП и за поттикнување на властите и другите институции за зголемување на нивната транспарентност, отчетност и отвореност за учество (партиципативност).

Отворено владино партнерство претставува доброволна меѓународна иницијатива која цели кон обезбедување конкретни заложби од страна на владите кон нивните граѓани, за да промовираат транспарентност, да го поттикнат граѓанското учество, борбата против корупцијата и искористувањето на новите технологии со цел да се зајакне доброто владеење/управување.

За да станат дел од иницијативата за ОВП земјите кандидати треба да ја поддржат Декларацијата за отворено владино партнерство, да подготвуваат двегодишни национални акциски планови развиени со јавни консултации, редовно да известуваат за прогресот, да работат со граѓанското општество за постигнување на договорените заложби и да се обврзат на независни извештаи за нивниот напредок преку механизмот за независно известување. Подготвувањето на Акцискиот план за ОВП треба да биде инклузивно, што значи дека свој придонес во процесот треба да дадат различни засегнати страни, вклучително и државната администрација, граѓанското општество, локалните власти, бизнис секторот и академската заедница.

Нашата земја е членка на иницијативата од 2011 година и има усвоени четири национални акциски планови (во 2012, 2014, 2016 и 2018 година). Координатор на владините активности за ОВП е Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА). Граѓанските организации се вклучени во креирање на Националните акциски планови (НАП), како и во нивното спроведување. Граѓанските организации кои ја иницираат мрежата се вклучени во работните групи за спроведување на НАП 2018-2020.

Мрежата на граѓански организации за отворено владино партнерство се формира во пресрет на подготовката на новиот (петти) национален акциски план, со цел за поорганизирано делување и влијание на граѓанските организации на неговото креирање, како и поттикнување и мониторинг на имплементацијата на постојниот и идните акциски планови.

Улогата на мрежата е да го мобилизира и координира застапувањето на граѓанското општество за прашањата на ОВП.

Мрежата ќе се залага за воспоставување нова структура за координација на процесот на ОВП во Северна Македонија соодветно на меѓународното искуство, со цел подобрување на комуникацијата на сите вклучени страни и зајакнување на мониторингот и евалуацијата на активностите. Мрежата ќе учествува и придонесе за воспоставување нова структура за координација и мониторинг на развојот и спроведувањето на НАП.

Со овој повик се покануваат  сите заинтересирани граѓански организации формирани согласно Законот за здруженија и фондации да учествуваат во работата на мрежата.

Зачленувањето во мрежата се врши со пополнување и доставување на приложениот образец за членство до 30 декември 2019 година.

По разгледување на формуларот од страна на Иницијативниот одбор организациите ќе бидат повратно информирани.

Ве молиме да го проширите овој повик до сите потенцијално заинтересирани граѓански организации, ваши партнери и соработници, кои ги споделуваат вредностите за отворено владино партнерство и се залагаат за поголема партиципативност, отвореност и отчетност на властите, како на локално, така и на централно ниво, и воедно ги применуваат тие принципи во своето работење.

Декларација за отворено владино партнерство, принципите и структурата на мрежата на граѓански организации за Отворено владино партнерство како и образецот за членство, можете да ги најдете прикачени подолу:

Декларација за отворено владино партнерство

Принципи и структура на мрежата на граѓански организации за Отворено владино партнерство

Образец за членство

Министерство за информатичко општество и администрација

МИНИСТЕР

Министер за информатичко општество и администрација

Search form