Сподели:

Управниот одбор на проектот „Поддршка за реорганизација на јавната администрација“, го одржа првиот состанок

Скопје, 15 јануари 2020

Имплементацијата на двогодишниот ИПА проект “Поддршка за реорганизација на јавната администрација”, започна во ноември 2019та година.  

Целта на овој проект е да се оптимизира целокупната институционална рамка, да се зајакне испораката на јавните услуги и зајакнување на етиката, интегритетот, транспарентноста и отчетноста на јавната администрација. Предвидено е ова да се постигнува преку спроведување на функционална анализа, а во рамки на проектот ќе се донесе и нов Закон за организација и работа на органите на државната управа.

Денеска, во рамки на проектот се одржа првата седница на Управниот одбор формиран со цел следење на имплементацијата на проектот.  Управниот одбор е формиран со цел обезбедување на непречена стручна и техничка поддршка, како и за следење на напредокот во имплементација на предвидените активности.

На состанокот се обрати министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и претседавачот на Управниот одбор Билјана Николовска Жагар, како претставници на МИОА, како водечка институција и краен корисник во спроведувањето на проектот. Исто така, се обрати и Ружица Андроникова, преставник на Делегацијата на Европската Унија.

Како што истакна министерот Манчевски, реорганизацијата на јавната администрација не е изолиран проект на МИОА, туку е еден од стратешките приоритети на Владата. Нешто што историски, за првпат се прави во нашата држава. Поставувањето на јасни линии на отчетност, спојувањето на институции со исти надлежности и намалувањето на бројот на институции е болен процес за нас политичарите, но е долго време очекуван за граѓанните и ќе придонесе кон зголемување на професионалноста и ефикасноста на јавната администрација.

Во Управниот одбор членуваат претставници од Министерство за информатичко општество и администрација, Генерален секретаријат на Владата на Република Северна Македонија, Делегација на Европска Унија, Државната комисија за спречување на корупција, Министерство за финансии, Град Скопје и Инспекцискиот совет, додека пак како набљудувач е Секретаријатот за европски прашања.

На денешната седница тимот од тројцата експерти кои работат на овој проект (Ms Ioana CORNESCU, Team Leader / Legal expert, Ms Dace GRUBERTE, Functional review expert, Mr Aleksandrs ANTONOVS, Functional review and State reorganisation expert) го презентираа Почетниот извештај за периодот од ноември-декември, како и предвидените активности за следниот период.

Од исклучителна важност за успешноста на проектот е непречено да продолжи соработката и отвореноста на министерствата, агенциите и инспекциските служби. Имено во периодот што претстои врз основа на Методологија за спроведување на хоризонтална функционална анализа ќе се продолжи процесот на скенирање на состојбата од аспект на детектирање на можни преклопувања на надлежности, па оттаму и предлози за преструктурирање на институциите опфатени со процеот на реорганизација/оптимизација (спојување, укинување или промена на статус). Оттука, од сите 128 институции очекуваме сериозен пристап и посветеност, преку дедицирање на лица одговорни за непречена комуникација со МИОА и проектот.

Министерство за информатичко општество и администрација

 

МИНИСТЕР

Министер за информатичко општество и администрација

Search form