Сподели:

Министерот Манчевски изврши увид во градежните активности за салата „Една точка за услуги“ во Охрид

Охрид, 20 јуни 2020

Министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски денеска беше во посета на  Охрид, каде изврши увид во почетокот на градежните активности за салата „Една точка за услуги“, сместена во зградата на општина Охрид.

„Овој простор за многу кратко време ќе добие целосно нов изглед и ќе претставува место каде граѓаните ќе можат да добијат информации за сите електронски услуги, достапни на порталот uslugi.gov.mk. Граѓаните кои ќе имаат проблем сами од својот дом да се регистрираат на порталот тука ќе можат да го направат тоа. Дополнително, со помош на Каталогот на услуги, вработените тука ќе можат да ги дадат информациите потребни за добивање на секоја од 761 услуга објавена на порталот. На порталот во моментот се достапни 136 електронски услуги, а овој број постојано ќе се зголемува. Во завршна фаза се активностите за дигитализација на уписот на дете во градинка, упис во училиште, како и дигитализација на дел од услугите кои ги нуди МВР“, рече министерот Манчевски.

Министерот Манчевски истакна дека, причината зошто оваа сала во Охрид ќе биде сместена во општинската зграда, е за да биде поблиску до граѓаните и да им биде подостапна.

„Сакам да се заблагодарам и на градоначалникот кој ја увиде релевантноста на овој проект и ни отстапи простории. На овој начин ја менуваме културата во начинот на којшто работи јавната администрација. Тука нема да има шалтери и редови за чекање. Идејното решение е завршено, фирмата изведувач е избрана останува само да се спроведат сите планирани градежни зафати“, рече министерот Манчевски.

Воедно, министерот Дамјан Манчевски потенцираше дека концептот на Една точка за услуги веќе успешно функционира во Скопје,  во понеделник почнува со работа и во Тетово, а започнат е и процесот во Куманово. Идејата е постоечките интернет клубови да се претворат во место кое ќе служи како сервисна и регистрациона точка на граѓаните.

Министерство за информатичко општество и администрација

 

МИНИСТЕР

Министер за информатичко општество и администрација

Search form