Сподели:

Презентација на Нацрт-годишен извештај за имплементација на Акцискиот План на Стратегијата за РЈА 2018-2022

Скопје, 07 јули 2020

Денеска се одржа презентација на Нацрт-годишниот извештај за имплементација на Акцискиот План на Стратегијата за реформа на јавната администрација 2018-2022, пред претставници на граѓанскиот сектор, меѓународната заедница и државните институции.

Како што истакна министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, остварувањето дијалог со сите чинители, особено во значајни области како што е реформата на јавната администрација, е многу важно и секогаш се наоѓа високо на агендата.

Меѓу другото, министерот Манчевски се осврна на фактот, дека е постигнат значаен напредок во однос на целокупниот процес на креирање политики, консултација со засегнати страни и координација.

„Среднорочното и секторското планирање значително се подобри и во 2019 имаме нешто повеќе од 97% имплементација на клучни Владини плански документи, што е речиси двојно повеќе од 2018. Учеството на засегнатите страни во креирањето на политики и закони се подобри, што тоа делумно се должи и на фактот дека континуирано расте процентот на нацрт Извештаи за ПВР и нацрт закони објавени на ЕНЕР за кои е запазена процедурата за навремено објавување, достигнувајќи 95% во 2019 година. Воедно, се подобри и квалитетот на извештаи за ПВР, односно има пораст од речиси 10% на бројот на ПВР извештаи кои ги исполнуваат минимум критериумите во однос на процедурата и транспарентноста на процесот на ПВР“, истакна министерот Дамјан Манчевски.

Според министерот, примената на системот на заслуги при вработување и унапредување на административните службеници се подобрува и веќе се забележува намален процент на жалби и приговори поднесени од кандидатите на донесените одлуки за вработување/унапредување, и тоа од 2,2% во 2018 на 0,56% во 2019 година.

„Ја споменав транспарентноста на работењето на институциите, а тоа се потврдува и со овој Извештај. Додека процентот на одбиени барања за пристап до информации од јавен карактер од 2018 се намали речиси двојно и во 2019 изнесува 2,5%, процентот на институции кои објавуваат отворени податоци порасна за 6% од 2018 до 2019 година“, рече министерот Дамјан Манчевски.

Присутните го поздравија тоа што консултациите со засегнатите страни се одвиваат редовно. Воедно, тие ја поздравија денешната презентација на Извештајот за РЈА, нотирајќи дека има напредок во реализацијата на мерките и активностите.

 

Министерство за информатичко општество и администрација

 

 

МИНИСТЕР

Министер за информатичко општество и администрација

Search form