Сподели:

Министерот Дамјан Манчевски учествуваше на јавниот настан „Дигитални предизвици за општествена трансформација“

Скопје, 9 јули 2020

На денешниот, прв јавен настан „Дигитални предизвици за општествена трансформација“, свои излагања имаа министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, проф. д-р Соња Филипоска редовен професор на ФИНКИ и Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и нови медиуми и координатор на Програмата за транспарентност и дигитализација на ИДУЕП.

Министерот Манчевски се осврна на трите клучни работи во однос на дигитализацијата кои се во тек, како и на плановите во таа насока во иднина.

„Ние ги поставивме сите блокови, елементи за дигитализација во јавниот сектор. Тоа се систем за Интероперабилност, потоа Портал за електронски услуги и Електронскиот регистар на население. Ова се трите главни блока. Сега нашиот предизвик е да работиме на употребливоста на процентот на искористеност“, истакна министерот Манчевски.

Според министерот, во однос на Интероперабилноста, се работи за прилично висока искористеност на капацитетите, односно скоро 30 институции и веќе треба да се зборува за проширување на капацитетите. Во однос на искористеноста на Националниот портал за услуги, како што рече, треба да се работи во насока на поголемо искористување со оглед на тоа што во моментов активни се 20 илјади корисници.

Во однос на предизвиците, како што рече министерот Манчевски, не сите клучни бази на податоци се дигитализирани и затоа вчера е одржан првиот иницијален состанок во кој ќе се дигитализираат клучните регистри на институциите во државата и за граѓаните и бизнисите.

„Третиот предизвик е токму започнувањето и воспоставувањето на 5Г технологијата бидејќи без тоа ќе останеме на ова ниво на дигитализацијата, а 5Г ќе значи поголем проток на информации, поголема количина и брзина и само на тој начин ќе може да се овозможи интернет на нешта, паметни градови и сл. Од нас зависи колку брзо ќе правиме некои работи, треба сериозен ангажман и поддршка од меѓународни институции“, рече Манчевски

„Ние во моментов имаме 136 електронски услуги кои ги нудиме преку uslugi.gov.mk.  Тоа е 18 проценти од сите услуги што постојат во државава. Сега започнуваме нов проект со кој предвидени се 250 дополнителни електронски услуги, само од тој проект и дигитализацијата на клучните регистри. Уверен сум, оптимист сум следната година ќе можеме да зборуваме за 400, 500 електронски услуги“, истакна министерот Манчевски.

Бојан Кордалов од своја страна истакна дека е потребно е да се согледа дигитализацијата во сите општествени сфери како позитивен процес кој е насочен кон потребите и барањата на граѓаните.

„Дигитализацијата е потребно да не обедини сите, а корона кризата дополнително ни го покажа тоа. Ова е процес кој не смее да дели или пак, на него да се ловат политички поени. Секој ден доцнење со имплементација на поголема дигитализација значи помалку можности за секој наш граѓанин“, посочи Кордалов.

И во борбата со лажните вести дигитализацијата игра важна улога, смета Кордалов, и додаде дека недоближувањето на дигитализацијата како придобивка до секој граѓанин дополнително го отвора просторот за ширење на дезинформации и конспирациски теории на оваа тема.

За професорката на ФИНКИ Соња Филиповска придобивките од 5г технологијата меѓу другото значат и побрзи и подобри услуги, а опсегот, односно количината и моќноста на зрачење е слична со безжичниот интернет, така што непотребно е да се крева паника. Во исто време ја потенцираше важноста од подигнувањето на дигиталната писменост, посочувајќи дека на ФИНКИ постојат нови студиски програми во таа насока, со цел поттикнување на дигитализацијата.

Министерство за информатичко општество и администрација

 

 

 

МИНИСТЕР

Министер за информатичко општество и администрација

Search form